Мала борба со македонската бирократија и апашите од МК Пошта - who is with me?
Од шпанскиот Заландо си нарачав 2 пара патики и според тракингот, пакетот е стигнат уште на 10 мај 2024. Од МК Пошта-Карпош 3 ми креваат раменици, а бе нема таква пратка и бројчето ти е малку „чудно“ (дека јас сама го смислив, нели).
Со грижа за корисници од сајтот веќе немам комуникација затоа што потврдија дека пакетот е доставен/примен и толку од нив, реално што може да направат?
Искрено, малку подзаборавив и кренав раце од целата ситуација, да не кажам се простив со патиките. Ама денес случајно прочитав дека, пази бога ти, сме имале Агенција за пошти со седиште во ГТЦ, и можеш да поднесеш тужба за да се дознае каде побогу е таа фамозна пратка.
Па јас ги собрав сите преписки на мејл, како и целиот листинг на тракингот на пратката, напишав претставка/тужба (не знам у каква форма ќе ја примат), ама спремна сум да видам до каде може да отиде целата работа и дали ако им се запнеш на институциите кај нас, може да истераш правдина.
*Ако некој од МК пошти ми ги носи патиките, да даде Господ да не куртулиш од плускавци.
Едит 1: Бев во главниот магацин на МК Пошта кај Железничка. Две многу културни и услужливи госпоѓи го проверија бројот и утврдија дека навистина НЕ ПОСТОИ таков број за следење на пратката во систем. Веројатно, некој го има менето бројот (кој, каде, и што е бројот сега, не знаеме). Оттаму ме упатија назад во поштата во Карпош 3, и ми дадоа контакт од главен контролор за пратки, да провери во доставните книшки точно на денот на достава (10 мај) дали има нешто на мое име. Дури и и` ѕвонеа на жената, ама била втора смена на работа. Му ѕвонеа и на некаков си управител, ама излезе дека е на одмор.
Жените беа премногу фини и културни и личеа како да си ја знаат работата. Штета што нема такви повеќе.
Едит 2: Ми пратија ДУРИ 2 мејлови од [[email protected]](mailto:[email protected]) :O Од таму потврдија дека немаат пратки што почнуваат со буква А (би требало да биде U, C, R, V) и да го проверам бројот со испраќачот. Во вториот мејл вика, цитирам: Кога во рубриката ДО ќе се појави MKSP тогаш пратката е пристигната во Македонија. Ако пратката се уште не се појавува во нашиот систем, тоа значи дека се уште не е отпремена од појдовната пошта. Доколку немате таков број обратете се во вашата доставна пошта или кај вашиот пошторазнесувач.
НАЈВАЖНО ДОСЕГА: Вес Андерсон може да сними красен филм во главна пошта. Дајте му ја локацијата на човекот, сосе вработените ко статисти. Профит = модернизација на МК Пошта.
Едит 3: Во поштата во Карпош 3 исто така беа многу соработливи и се собраа сите на смената. Во систем нема таков број на пратка. Во доставна книшка во тој временски период има само една подигната пратка од мене лично, од Али Е. Сценарио 1 е дека е стигната, но контејнерот не е уште распакуван. Сценарио 2 е дека можеби пратката ја доставува приватен сервис, ама според нив само DHL, Fedex и Via доставуваат од странство. И на нивните сајтови бројчето не фигурира никаде. 🫤 Од Пошта ми зедоа податоци за контакт во случај да се појави пратката и ми гарантираат дека НЕМА ШАНСИ да е украдена. А реонскиот поштар го знам и јас лично, не би направил такво нешто.
Сагата продолжува...
П.С. Вес Андерсон немало да дојде за филм, не било доволно пастелно и во топли тонови опкружувањето. Вес брате, го поправивме, влези и не се собувај.